Процесот на производство на хартија и картон е организиран на начин што треба со минимален остаток и отпад и оптимална употреба на енергија да се добие максимален квалитет на готовиот производ. Единствената суровина што се користи за производство е 100% отпадна хартија. Со користење на 100% отпадна хартија како суровина за производство и со употреба на био-горива како енергенси и технолошка вода создаваме продукт кој има затворен, одржлив животен циклус. Со тоа рециклираните производи се најодржливо решение за пакување.
Покрај главните суровини се користат и помошни суровини како модифициран скроб, анјонски скроб, катјонски скроб итн. Во рамките на инсталацијата се одвиваат следните производствени процеси-сортирање на стара хартија, развлакнување, пречистување, мелење, формирање, сушење на хартијата и лабораториска анализа односно контрола на квалитет.
- Старата хартија сортирана во бали со помош на вилушкар се носи до транспортната трака од каде се носи на понатамошна постапка на развлакнување во примарен развлакнувач.
- Со помош на повратна и свежа вода се врши растворање, омекнување и грубо развлакнување на масата од старата хартија. Примесите од хартија како што се коноп, жица, пластика и слично се отстрануваат од палперот со помош на грајфер или рачно. Основната цел е да се добие доволно густа изедначена супстанција која од палперот со помош на помпи и цевоводи се транспортира во собирна када.
- Од собирната када потоа продолжува процесот на мелење на хартиената пулпа. Во таканаречената мешална када се додаваат потребните помошни суровини за подобрување на механичките особини на хартијата.
- На хартиената машина, хартијата се одводнува и се формира на самото сито. Потоа се пресува во партија на преси и се врши сушење во партија за сушење.
- Во сушната партија хартијата се суши со помош на заситена водена пареа така што на крајот хартиената трака да излегува со сувост од 92-94%.
- Основните параметри на хартијата се следат и контролираат со помош на процесен компјутер во зависност од зададените параметри.
- Процесот на доработка претставува премотување на тамбурите во ролни кои се сечат според даден комерцијален налог и се пакуваат со трака и стреч фолија.
- Рециклираната хартија е подготвена да оди кај купувачите и да добие нова корисна форма.