Пејпар Мил ја информира јавноста дека сите мерења на емисиите од фабриката извршени од страна на акредитирана лабораторија во месеците септември, ноември и декември 2021 година, како и јануари годинава покажуваат вредности на емисии на количество на прав во димните гасови во воздухот до дваесет пати пониски од нормата. И Инспекцијата на Државниот инспекторат за животна средина преку Одделението за инспекциски надзор во животната средина-Североисточен и Источен регион, Канцеларија во Штип направена во октомври 2021 година утврди дека Пејпар Мил користи био-гориво од сончогледови пелети за целиот технолошки процес. При инспекцијата беше утврдено дека Пејпар Мил работи во согласност со А интегрираната дозвола и под граници на дозволеното на речиси сите параметри, додека отстапки беа нотирани во емисијата на јаглероден моноксид.
Согласно решението на Државниот Инспекторат за животна средина со кое се задолжи Пејпар Мил да изврши мерење на параметрите на емисиите од стационарниот емитер-оџак во воздух, три месеци редоследно и притоа да се направат лабораториски анализи на составот на пелетот што се користи како горивно средство во технолошкиот процес, Пејпар Мил ги изврши истите и ги достави до Државниот инспектор за животна средина во канцеларијата во Штип.

Во врска со организираните протести на мал број граѓани пред фабриката, раководството и јавно поканува на средба претставници на овие граѓани за да им се презентираат резултатите од мерењата и технолошките процеси, а истовремено реагира и на неоснованите тврдења за Пејпар Мил како виновник за загадувањето во Кочани.

„Со жалење ќе констатирам дека повторно неправедно се етикетира Пејпар Мил како единствен загадувач во Кочани. Сакам да ја потсетам јавноста дека и кога не работеше фабриката Пејпар Мил во почетокот на минатата година, во истиот овој зимски период, вредностите на загаденост на воздухот во Кочани беа високи, сместувајќи го Кочани на врвот на листата на најзагадени градови во земјата. Сите инвестиции и заложби што ги правиме за подобрување на процесите и заштита на животната средина, ги покажуваат нашите заложби за одговорно и правилно работење. Секако остануваме отворени за појаснувања и соработка со сите чинители. Подготвени сме да инвестираме и во независна стручна студија која ќе ги лоцира и точно ќе ги мапира сите извори на загадување во Кочани, со цел да се лоцираат соодветно изворите на загадување, за да може општината и субјектите, вклучувајќи не и нас, да изнајдеме решенија за проблемите кои ги имаат жителите на Кочани.“ – изјави Јулијан Даскалов, генерален директор на Пејпар Мил Кочани.
Пејпар Мил инвестираше над 55.000 евра во март минатата година во нов вреќест филтер кој тројно ги подобри параметрите на штетни емисии во воздухот, кои се во рамки на европските стандарди.
Пејпар Мил од Кочани како инвеститор во земјата има значајно социо-економско влијание на локално и национално ниво како работодавач и во економијата, а кон тоа, Пејпар Мил како единствен рециклатор на хартија е значајна алка во процесот на рециклирање на отпадна хартија,  во остварувањето на националните цели за рециклирање и во синџирот на циркуларната економија во земјата.