Кочани, 5 октомври 2021г. – До дваесет пати пониски вредности од нормата покажуваат резултатите на контролното мерење на емисии на количество на прав во димните гасови во воздухот, кое Пејпар Мил од Кочани го спроведе на почетокот на септември годинава.
Согласно официјалните резултати на акредитираната меѓународната лабораторија LABLAND кои пристигнаа деновиве, вредностите според методите на мерење услогласени и одобрени од страна на Државниот инспекторат за животна средина, покажуваат резултати согласно следниот редослед: Мерење 1 – 24,9 mg/Nm³; Мерење 2 – 12,9 mg/Nm³; Мерење 3 – 27,0 mg/Nm³. Нормата за овој показател за фабриката е 150 mg/Nm³, што значи дека резултатите се и до дваесет пати пониски од пропишаното.
„Трендот на исклучително ниски вредности на емисии на прав во воздухот во нашата фабрика продолжува. По поставувањето на новиот вреќест филтер годинава, успеавме да го надминеме најголемиот предизвик за апсолутно секој индустриски капацитет, а тоа е намалување на влијанието од процесот на производство врз животната средина. Резултатите кои ги добивме во изминативе месеци од две различни интернационални акредитирани лаборатории кои вршат мерење според стандардите на Министерството за животна средина на РС Македонија, покажуваат дека не само што драстично е намалено влијанието на процесот на рециклирање и производство на хартија врз квалитетот на воздухот, туку речиси и целосно е елиминирано“ – истакнува Јулијан Даскалов, Генерален директор на Пејпар Мил и додава дека фабриката и понатаму ќе продолжи да прави редовни мерења со цел проверка на вредностите, како одржливо решение фабриката да работи непречено и да обезбеди чиста и здрава околина за сите.
За потсетување, иако работеше во рамки на нормата, во март годинава Пејпар Мил инвестираше над 55.000 евра во нов вреќест филтер кој тројно ги подобри параметрите на штетни емисии во воздухот, кои се во рамки на европските стандарди.
Пејпар Мил од Кочани како инвеститор во земјата има значајно социо-економско влијание на локално и национално ниво како работодавач и во економијата, а кон тоа, Пејпар Мил како единствен рециклатор на хартија е значајна алка во процесот на рециклирање на отпадна хартија, во остварувањето на националните цели за рециклирање и во синџирот на циркуларната економија во земјата.