26.06.2022г.  – Единствената фабрика за рециклирање на хартија во Македонија, Пејпар Мил Кочани, ја известува јавноста дека  времено го сопира работењето. Имено, иако по последните мерења и наодите на акредитираната лабораторија, емисиите во воздух на речиси сите параметри се во рамки на дозволеното според А интегрираната дозвола, отстапки се евидентирани само во однос на емисијата на CO – јаглероден моноксид. На 6 јуни Државниот инспекторат за животна средина издаде решение со кое се задолжува ПЕЈПЕР МИЛ ДОО Кочани да продолжи со работа со користење на вториот котел каде како енергенс гориво се употребува природен гас, до моментот на решавање на проблемот поради кој се јавило надминување на пропишаните гранични вредности за емисионата точка АА2.

Со цел да се регулира соодветно и емисијата на единствениот спорен според  мерењето параметар, Пејпар Мил го запира работењето за да го исчисти котелот на биомаса – сончогледови пелети како и да се преземат одредени активности за подобрување на состојбата со нивото на СО. За таа цел се инвестира во дополнителни вентилатори и каналски систем со дифузери, потпомогнати од фреквентни регулатори, а се со цел за подобрување на перформансите на ложиштето на котелот, подобро согорување на горивото и како крајна цел намалување на нивото на СО кое се емитува во атмосферата и негово доведување до граничните вредности. Покрај тоа, истовремено се работи и на поставување на мерни и регулациони инструменти со кои континуирано ќе се следи состојбата со ниво на СО кое се испушта во атмосферата.

Во исто време се изврши и подобрување на системот за одземање на цврстите честички од издувните гасови, односно подобрување на перформансите на вреќестиот филтер. Со најновите активности, вградување на модули и процесори ќе се подобри чистењето на вреќите, а со тоа и дополнително намалување на цврстите честички во издувните гасови.

За подобрување на технолошкиот процес кој директно влијае на потрошувачката на пареа е инсталиран  нов вакуум систем како и нов систем на фино прочистување на маса потребна инвестиција за самиот процес на фабриката што истовремено ќе обезбеди и  поголема економичност во работењето.

Овој процес се очекува да биде комплетиран до крајот на јули 2022г. , по што фабриката ќе го започне работењето за да може да се изврши повторно мерење од страна на акредитирана лабораторија. 

Кон крајот на април минатата година Пејпар Мил инвестираше  во поставување на вреќест филтер, мултициклон и нов вентилатор и дополнителни средства за интервенции на филтерот и унапредување на технолошките процеси, при што вредностите на количество на прав во димните гасови се доведени под границите на пропишаните вредности. И покрај бројните предизвици и повремени прекини на работењето, Пејпар Мил ги задржува на работа сите 109 вработени, а планира и нов инвестициски циклус во зголемување на капацитетите и унапредување на процесите.