Кочани, 23 февруари 2021г. – Имплементација на нова технологија за заштита на околината, но и воздржан оптимизам за рестартирање на единствената фабрика за рециклирање на хартија во земјава, најави во гостувањето на ТВ Стар, генералниот директор на Пејпер Мил од Кочани, Јулијан Даскалов.  Тој информираше дека во текот на месец март во фабриката се очекува да пристигне и да се имплементира нов систем за прочистување на воздухот на фините честички прав. Вреќестиот филтер всушност претставува еден контејнер 8,50м должина, 3,50м височина и 2,50м широчина со над 130 таканаречени „ракави“, а самото поставување ќе бара и одредени градежни работи, со што вкупната вредност на оваа инвестиција е 55 илјади евра. Филтерот е од најсоверемена технологија која во моментов може да се произведе и за три пати го намалува количеството на прашина која се испушта, со што ќе се постигнат европските стандарди и ќе има три пати пониски емисии од дозволените вредности, дури и согласно А интегрираната дозвола.

„Нашето работење е во рамки на стандардите и не беше неопходна оваа инвестиција, но донесовме одлука да инвестираме затоа што тој филтер три пати ќе ги подобри параметрите од тоа што го испуштаме во атмосферата, со што ќе ги постигнеме европските стандарди. Ние сметаме бидејќи патот на Македонија е кон Европа, а европските норми се пониски, тука нормата е 150, во Европа е 50, ако досега сме ги задоволувале тие 150, во моментов се подготвуваме за 50.“ – изјави Даскалов.

Со финализирањето на филтерот во март, Даскалов се надева дека на почетокот на април ќе се создадат услови за Пејпер Мил да го рестартира работењето и да ги врати на работа 120 вработени кои во моментот се дома со намалени приходи заради прекинот на работењето на фабриката. Веќе се вршат подоготовки, се разговара со властите и се отвора дијалог со граѓанските организации, а се планира доолнително да се зголеми бројот на вработени и капацитетот на фабриката.